Македонија Лајчак: Можна е дестабилизација ако не се реши кризата во Македонија

Лајчак: Можна е дестабилизација ако не се реши кризата во Македонија

Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, за „Мета“ денеска изјави дека е многу загрижен за ситуацијата во земјава.

– Со голема загриженост ги следам случувањата затоа што наводите презентирани од страна на лидерот на опозицијата се многу сериозни и бидејќи Македонија е земја-кандидат за ЕУ, мислам дека тоа е прашање кое министрите за надворешни работи на ЕУ треба да го дискутираат. Мораме да откриеме каде е вистината. Тоа е важно, не само за нас, туку и за граѓаните на Македонија. Потребна е непристрасна и објективна истрага – вели Лајчак.

За Лајчак истрагата ќе биде добар начин да се спречи дестабилизација.

– Ако тоа не се направи, ќе има многу интерпретации за тоа што се случило и тоа може да доведе до дестабилизација. Тоа не е нешто за што сакам да зборувам, но мислам дека мора да реагираме. Обвинувањата се многу сериозни, затоа мора да ја етаблираме вистината – рече Лајчак.