Македонија Кундерс: Договорот од Пржино целосно да се спроведе и да се поддржи...

Кундерс: Договорот од Пржино целосно да се спроведе и да се поддржи работата на СЈО

Европа го поддржува Договорот од Пржино и тој мора целосно да се спроведе, изјави денеска во Скопје шефот на холандската дипломатија, Берт Кундерс, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

– Вие подобро од мене знаете колку е важно да се има фер и кредибилни избори, прoчистен список и еднаков пристап кон медиумите. Македонија има долга традиција и историја, сте имале и претходно фер, демократски избори и затоа е важно да се спроведе Договорот од Пржино за да се овозможи понатаму да се работи на европската перспектива – рече Кундерс и побара сите да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство.

На новинарско прашање како внатрешно-политичката состојба е поврзана со мигрантската криза, Кундерс истакна дека политичката криза во Македонија не е директно поврзана со бегалската криза, но дека проблемот со бегалците создава тензии во сите земји.

– Но, за сите наши држави е важно затоа што секаде се јавуваат тензии во однос на тоа како да се реши бегалската криза. Затоа важно е нашите земји да останат стабилни за да можеме да соработуваме на решавање на бегалското прашање. Во Европа, вклучително и во Македонија се соочуваме со предизвикот на надворешната безбедност и на внатрешниот консензус, а ова е особено предизвик за Македонија. Затоа сметам дека вашата визија и желба за евроатлантска интеграција е поврзана со спроведувањето на Договорот од Пржино – рече Кундерс.