Главна секција Кумановска „бомба“: За избори ги фатиле сите фирми и сите криминалци

Кумановска „бомба“: За избори ги фатиле сите фирми и сите криминалци

На оваа прес-конференција ќе чуете како МВР работело за ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, рече Мартин Костовски, претседател на Општинската организација на СДСМ, пред објавувањето на прислушуваните материјали поврзани со изборните нерегуларности во овој град.

Во разговорите што ги презентираше Костовски имаше снимка од разговор на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и на соговорник, за средби во Куманово на кои ќе договорат детали за изборите. Соговорникот на Јанкуловска ѝ вели дека треба да видат „како ќе средат со Циганите“.

Во разговори помеѓу Јанкулоска и извесен Ристе, министерката добива информации за фирми, стечајци, незадоволни и стари лица и за криминалци, за што Јанкуловска, наводно, вели да им се заврши по нешто што бараат за да бидат задоволни.

СДСМ објави два разговори за кои посочи дека се на Гордана Јанкулоска со Никола Тодоров, во кој таа кажува дека се ветени 75.000 во кеш и ургира побргу да се достават парите за партијата на Драгиша Милетиќ. Во вториот разговор Кирил Божиновски на Јанкулоска ѝ признава дека дал 225.000 во кеш.

Јанкулоска во следниот разговор признава дека за партиски потреби злоупотребиле и списоци на резервниот состав на АРМ.

Таа, вели Костовски, кажува дека „ги фатиле за изборите сите фирми, стечајците и сите криминалци“.

– Неуки се луѓето, мали работи бараат да им завршиме – ѝ вели соговорникот.

Во врска со проверката на 60 автобуси во Куманово и снемувањето електрично напојување, Костовски рече дека Куманово е под постојана пресија од власта.

На новинарско прашање дали имаат снимки за апсењето на градоначалникот Зоран Дамјановски, Костовски рече дека ќе се објави сè што имаат.

Тој нагласи дека за приведувањето сè уште од МВР немаат добиено никаква информација.