Македонија Кривичен совет: Судијата оправдано не одобрил претрес на домот на началникот во...

Кривичен совет: Судијата оправдано не одобрил претрес на домот на началникот во УБК

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 денеска одржал седница на која констатирал дека судијата на претходна постапка постапил правилно што не издал наредба за  претрес на домот на Горан Грујовски на барање на Специјалното јавно обвинителство.

„Кривичниот совет при овој суд по извршениот увид во списите на предметот одлучил дека судијата на претходна постапка правилно постапил давајќи несогласност бидејќи СЈО има лимитирана стварна надлежност која се однесува на овластувања да истражува и гони кривични дела кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникации, во законски определениот период, а кое нешто не произлегува, од барањето за издавање наредба за претрес, односно не може да се утврди за кој временски период се однесува содржината на комуникацијата од незаконското следење на комуникации, а од која се тврди дека произлегува кривичното дело. Оттука советот смета дека судијата на претходна постапка правилно утврди дека не е исполнет предусловот во смисла на член 17 став 1 од Законот за кривична постапка“, пишува во соопштението на судот.

Од судот ги отфрлаат коментарите на СЈО дека одбивањето на барањето за претрес е преседан во правосудната практика.

„Судиите се самостојни во своето постапување и судската пракса не е извор на правото. Секој судија согласно Законот, Уставот и со Закон ратификуваните меѓународни договори, во секој конкретен случај одлучува врз основа на слободно судиско постапување“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.