Македонија Крим-техника на МВР доби сертификат за акредитација

Крим-техника на МВР доби сертификат за акредитација

Државниот Институт за акредитација денеска на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР му додели сертификат за акредитација. Како што посочил министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, со сертификатот за акредитација се потврдува компетентноста на експертите и стандардизацијата на методите за анализа и за вештачење на доказниот материјал.

„Воедно, се зголемува и довербата во лабораториските резултати кои стануваат меѓународно признаени“, истакнал Чавков за време на церемонијата за доделување на сертификатот.

Според министерот, акредитацијата ќе овозможи континуитет во членството на форензичките лаборатории во најреномираната европска асоцијација од областа на форензиката, односно Европската мрежа на форензички научни институти – ЕНФСИ.

„Вработените во одделот со истиот интензитет продолжуваат да работат на имплементација на меѓународните стандарди и за другите лаборатории, за што ја имаат целосната поддршка од Министерството за внатрешни работи“, рекол Чавков.