Македонија Кредитот од половина милион евра од Унгарија го помина првиот собраниски филтер

Кредитот од половина милион евра од Унгарија го помина првиот собраниски филтер

Откако СДСМ најави блокада на носењето на предлог законот и претседателката на комисијата, Сања Лукаревска не ја закажа седницата, тоа го стори претседателот на Собранието, Африм Гаши

Фото: Мета.мк

Предлог законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија го мина првиот собраниски филтер – Комисијата за финансирање и буџет. Откако СДСМ најави блокада на носењето на предлог законот и претседателката на комисијата, Сања Лукаревска не ја закажа седницата, тоа го стори претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Гласот на Америка на македонски јазик пренесува дека седницата, водена од пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Бојан Стојановски, не присуствувале пратениците од опозициската СДСМ. Стојановски ги обвини СДСМ за недржавничко однесување и блокада на капитални проекти, а најавите за блокада на седницата го окракатеризира како „растурање пердуви“.

„Зошто не поднесоа илјадници амандмани, зошто не ги разгледувавме еден по еден, па да види јавноста дали некој имал коруптивни намени или немал коруптивни намени. Растурија пердуви и сега ги нема“, рече Стојановски.

Заемот тежок 500 милиони евра го доделува Унгарската експорт – импорт банка со рок за отплата од 15 години и грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.

Провизијата ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија од околу 70 илјади евра за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка.

Според најавите, како што пренесува Гласот на Америка, предлог законот ќе се најде пред пратениците на седницата на Собранието која ќе се одржи во вторник.