Хроника Крадел фотографии од „Фејсбук“ и ги објавувал на порнографска веб-страница

Крадел фотографии од „Фејсбук“ и ги објавувал на порнографска веб-страница

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 35-годишниот Ј.К. поради постоење основан сомнеж дека злоупотребувал лични податоци.

Ј.К. без согласност ги прибавил корисничките податоци од профилите на две девојки, на возраст од 18 и 20 години, на социјалната мрежа „Фејсбук“, и активно ги користел повеќепати при што направил злоупотреба на нивните лични податоци на интернет.

Ј.К. пристапувал на профилите на оштетените и без нивна согласност прибавувал фотографии од нивните профили и ги објавувал на интернет-страница со порнографска содржина, поради што и е осомничен за кривичното дело.

Веднаш по доставувањето на пријавата од оштетените лица до Секторот за компјутерски криминал и за дигитална форензика за злоупотреба на нивните лични податоци, преземени се мерки и активности во однос на утврдување на корисникот на профилот на интернет-страницата што споделува материјали со порнографска содржина од кого се поставени сликите и по прибавување на доказите и анализа, наведуваат дека корисник е сега пријавениот Ј.К., кој објавил вкупно 68 фотографии (кои не се со порнографска содржина) од двете оштетени лица.