Економија Ковачевски: На почетокот на следната година инфлацијата ќе биде 8 отсто

Ковачевски: На почетокот на следната година инфлацијата ќе биде 8 отсто

Со сите овие мерки кои ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10 отсто веќе од почетокот на наредната година, генерално инфлацијата ќе биде на ниво од 8 отсто, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата, појасни Ковачевски

Фото: Влада на РСМ

Со новата мерка на Владата, на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, цената ја намаливме за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август. Со оваа одлука и мерка кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите за над 10 отсто, а кај некои намалувањето е од 30 до 40 отсто, нагласи премиерот Димитар Ковачевски, при денешната посета на компанијата Алма-М во Скопје.

Тој ја посети компанијата заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државен пазарен инспекторат, Горан Трајковски. Тие со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 производи.

„Апелирам да се почитува мерката и тука сакам да се заблагодарам и на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, да го поздравам и директорот кој е тука со нас, за ажурноста и ефикасноста во проверките и спроведувањето на оваа мерка која е донесена. Секако да се заблагодарам и на министерот за економија и неговите колеги кои што направија детални анализи за да дојдеме до мерка која ќе биде во интерес и на трговците и на производителите, а најмногу во интерес на граѓаните“, нагласи Ковачевски.

Тој зборуваше и за справувањето со инфлацијата, кажувајќи дека напорите се до крајот на годината таа да не биде повисока од 5 отсто на планот на основните производи за населението.

„Не само оваа година, туку и изминативе, и покрај здравствената, економско-енергетската криза, ги зголемивме платите, пензиите, социјалната заштита за најранливите категории граѓани, зголемувањето го направивме како Влада и тоа во значителен износ поголем од она што го правела било која друга Влада во изминатиот период. Единствено со високо ниво на социјален дијалог за приоритетни теми, ќе одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината се стремиме таа да не биде повисока од 5 отсто, во делот на основните производи кои граѓаните ги користат“, рече Ковачевски.

Тој наведуваше причини за тоа, велејќи дека зголемувањето на платите било повисоко од инфлацијата. На генерално ниво, тој предвидува инфлација од 8 отсто на почетокот на следната година.

Со сите овие мерки кои ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10 отсто веќе од почетокот на наредната година, генерално инфлацијата ќе биде на ниво од 8 отсто, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата, појасни Ковачевски.