Македонија Котевски: Работиме на откривање на лажните азиланти од Македонија

Котевски: Работиме на откривање на лажните азиланти од Македонија

Министерството за внатрешни работи (МВР) во континуитет, уште од донесувањето на одлуката за визна либерализација, презема мерки за спречување на бранот лажни азиланти и покрај бегалската криза, изјави денеска помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски. Тој го кажа ова запрашан да даде коментар во врска со тврдењата на дел од европските лидери дека лица од Западен Балкан ја користат бегалската криза за да добијат азил во некоја од побогатите земји од Еврпската унија (ЕУ).

– Во континуитет, уште од донесувањето на одлуката за визна либерализација, МВР презема низа мерки и активности за спречување на бранот на т.н. лажни азиланти, без оглед на бегалската криза со која се соочуваме деновиве. Мерките се, главно, во две насоки: едната насока е за превентивно работење во оние средини од каде имаме сознанија и податоци дека доаѓаат т.н. лажни азиланти. Вториот пакет мерки, пак, што се преземаат од МВР се репресивните – изјави Котевски.

Тој потсети дека Македонија веќе донела законски измени што овозможуваат лицата што ја злоупотребуваат визната либерализација да бидат и кривично гонети.

– Како што е познато, Македонија направи измени во Кривичниот закон и воведен е нов член, со кој, практично, се санкционира злоупотребата на визната либерализација, така што досега во голем број случаи се поднесувани и кривични пријави против лица што ги манипулираат македонските државјани, лажно ветувајќи им дека ќе добијат азил во некоја од побогатите земји-членки на Европската унија – додаде Котевски.

Деновиве претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, зборувајќи за предлозите за надминување на бегалската криза, меѓу другото, изјави дека Комисијата предлага сите земји од Западен Балкан кои се кандидатки за членство во ЕУ и Турција да се прогласат за безбедни, што значи дека граѓаните од тие земји нема да можат да сметаат на азил и на меѓународна заштита.