Македонија Координативното тело за помирување ќе ги договара и реформските двотретински закони

Координативното тело за помирување ќе ги договара и реформските двотретински закони

На првиот состанок на собраниското координативно тело за помирување била утврдена динамиката за работа во интерес на процесите и воспостување соработка, информираше копретседателката на телото, Фросина Ременски.

Таа рече дека на денешната средба било договорено да се формираат три работни групи – за интеграции, за реформи и за помирување.

– Интеграцијата се однесува на уставните измени за членство во ЕУ и НАТО. Втората подгрупа е за поширок план на помирување и ќе работи на решенија поврзани со настаните за 27 април. Ќе има долгорочен план. Ова е чин на консензус меѓу одговорни пратеници кои сметаат дека без соработка за темите кои нè делат не може да одиме во реформи и интеграција. Третата подгрупа, ќе биде за реформски процес по ЕУ-агенда. Тоа ќе го овозможиме преку инклузивен процес и носење одлуки за реформи и двотретински закони да се градат преку консензус. Сите овие процеси се врзани и детерминарни и ќе одат во еден здив и пријатна атмосфера – рече Ременски на прес-конференција во Собрание.

Таа потенцираше дека не му кажуваат на судството како да ја мери вината, но може да му укажат да има фер судење и внимателен пристап за настаните од 27 април.

– Ова тело нема намера да биде над обвинителството и над судовите. Наша идеја е да разгледаме можност за сугестии и предлози кои ќе ги консултираме со експерти – додаде таа.

Не дадовме бланко-потписи, процесот на помирување и интеграција е условен, изјави пратеничката Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ

Таа апелираше процесот да почне што поскоро и посочи дека очекува уште денес или утре групите да почнат со работа. Таа не сакаше да коментира за предлог-законот за амнестија за 27 април, рече дека идеите и предлозите ќе бидат презентирани пред интерпарламентарната група.

Координативното тело за помирување ќе заседава повторно во петок, кога се очекува присуство и на премиерот Зоран Заев.