Економија Компаниите вложуваат десетина илјади евра за купување нова опрема

Компаниите вложуваат десетина илјади евра за купување нова опрема

Повеќе од две третини од компаниите во Македонија, во периодот помеѓу 2010 и 2013 година, вовеле нови или подобрени производи или услуги, покажува истражувањето на „Кнолеџ центар“ од Скопје.

Една третина од компаниите инвестирале во нови производствени процеси (31,4 проценти),односно во купување нова опрема, софтвери и други капитални инвестиции. Годишно, компаниите потрошиле 750.000 денари просечно за купување нова опрема, а 700.000 денари на сите други активности.

– Заклучок е дека компаниите во Македонија имаат идеи. Главниот проблем е во нивната комерцијализација. Тие немаат сознание за своите капацитети за иновации и оттука не умеат да ги капитализираат постојните ресурси, платформа и знаење. Вториот проблем произлегува од недостигот од финансии или, поточно, недоволната информираност за ресурсите што им се нудат – изјави основачот и директор на „Кнолеџ центар“, Андријана Богдановска-Ѓуровиќ.

Загрижувачки податок од истражувањето е дека половина од иновативните активности или проекти почнати во периодот помеѓу 2010 и 2013 година биле напуштени во почетната фаза на реализација или, пак, биле одложени. Причина за тоа се несигурниот пазар, силната конкуренција, немањето стратегиски партнери за соработка, високи трошоци за инвестиции, неодстиг од финансии.

Компаниите најмногу учат од пазарот, добавувачите со кои работат, клиентите, вработените, а најмалку го користат знаењето од истражувачките центри.