Македонија Комитетот за кризи ќе ја проценува состојбата на инфраструктурната мрежа

Комитетот за кризи ќе ја проценува состојбата на инфраструктурната мрежа

Управувачкиот комитет за справување со кризи попладнево од 16.30 часот одржува нов состанок во врска со серијата земјотреси што изминативе два дена ги тресат Скопје и околината, потврдија за „Мета“ од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Состанокот, како што дознаваме, е свикан на барање на претседателот на Управувачкиот комитет, вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров.

Од ЦУК велат дека денеска тимови на терен вршеле проценки и утврдување на евентуални штети на инфраструктурата, односно била вршена проверка од штети на водоводната, канализацискаата и на топловодната мрежа.

Армијата на Република Македонија (АРМ) и Министерството за внатрешни работи и понатаму се во состојба на готовност.

– Состојбата останува и ние во случај на потреба и по насоки од Управувачкиот комитет сме подготвени да дејствуваме – ни изјави потполковник Тони Јаневски, портпарол на Генералштабот на АРМ.

Од МВР велат дека се подготвени во секој момент да интервернираат и дека ги очекуваат понатамошните насоки од Управувачкиот комитет, како централно тело за справување со кризни ситуации.