Главна секција Комисијата ќе одлучува за имунитетот на пратениците откако Џафери ќе се врати...

Комисијата ќе одлучува за имунитетот на пратениците откако Џафери ќе се врати од пат

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ќе заседава попладне, откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе се врати од службеното патување во Шведска, вели претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, за „Мета“.

Џафери треба да го отвори барањето од Кривичниот суд за одземање на имунитетот на шестемина пратеници што вчера беа уапсени и да го проследи до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Крсто Мукоски, Сашо Василeвски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски, Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов се шестемина пратеници кои Обвинителството ги сомничи за терористичко загрозување на уставниот поредок, за време на насилствата во Собранието на 27 април годинава.

Комисијата со мнозинство гласови донесува заклучок, но конечна одлука се носи на пленарна седница на Собранието, кое треба во рок од три дена да го усвои или да го одбие предлогот, за што е потребно просто мнозинство – 61 глас од 120 пратеници.