Македонија Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ предлага изборите да се одржат на средината...

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ предлага изборите да се одржат на средината на јуни

Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ предлага изборите да се одржат на средината на месец јуни, информираше претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Според него, заеднички став на партиите во Коалицијата е да се искористи моментот на ослабување на корона вирусот и стабилизација на пандемијата и да се оди на гласање.

„Низ плодна дискусија и конструктивна дебата, заеднички заклучивме дека на државата и се потребни избори веднаш во првиот момент штом се создадат услови за нивно одржување. Доколку продолжи да се намалува бројот на заразени и кризата е целосно под контрола тоа е најдобро од здравствен, од економски и од демоктратски аспект. Во ситуација кога пикот на корона вирусот е поминат, кога интензитетот се намалува, треба да се одржат изборите затоа што во такви услови нема никаков ризик по здравјето на граѓаните. Особено имајќи предвид дека наесен се очекува нов бран од вирусот и би било неодговорно да се загрозува здравјето на граѓаните,“ изјави Заев.

Тој додаде дека како претставник на Коалицијата, ставовите и аргументите ќе ги предочи на средбата кај претседателот Стево Пендаровски која ќе се одржи во вторник. Заев очекува да се дефинира датум за одржување на изборите и да се зборува за начинот на водење на кампањата.