Економија Клаудиа Голдин ја доби Нобеловата награда за економија за работата на родовиот...

Клаудиа Голдин ја доби Нобеловата награда за економија за работата на родовиот јаз на пазарот на труд

Истражувањето на професорката Голдин ги откри клучните двигатели зад родовиот јаз во платите, соопшти шведската Кралска академија на науките

Клаудиа Голдин / Editing1088, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Нобеловата награда за економија годинава ѝ беше доделена на американската економска историчарка Клаудиа Голдин за нејзината работа на полето на вработувањето и платите на жените.

Истражувањето на професорката Голдин ги откри клучните двигатели зад родовиот јаз во платите, соопшти шведската Кралска академија на науките која ја доделува Нобеловата награда, а пренесе Би-би-си.

Голдин е третата жена што ја добила наградата и прва што не ја дели истата со машки колеги. Таа во моментов предава Историја на пазарот на труд на Универзитетот Харвард во САД.

Од Шведската академија на науките рекоа дека Голдин „го унапреди нашето разбирање за резултатите од пазарот на трудот на жените“, посочувајќи ја нејзината работа која вклучуваше испитување на 200-годишни податоци за работната сила во САД и која покажа како и зошто се менуваат родовите разлики во заработката и стапките на вработување.

Наградата за економија е различна од оригиналните Нобелови награди за физика, хемија, медицина, литература и мир, кои беа основани од Алфред Нобел и првпат доделени во 1901 година. Нобеловата награда за економија беше воведена во 1968 година и финансирана од Централната банка на Шведска.