Македонија Кирацовски: Пратениците да го одложат законот за оценување на администрацијата

Кирацовски: Пратениците да го одложат законот за оценување на администрацијата

Александар Кирацовски, дополнителниот заменик-министер за информатичко општество, денеска апелираше до сите пратеници да ја прифатат неговата иницијатива за одлагање на оценувањето на административните службеници преку измените во Законот за административни службеници.

– Пратениците се должни да работат во интерес на граѓаните, а во овој момент нема поголем интерес за граѓаните од фер и веродостоен изборен процес. Секој глас против овие измени значи глас за партиските притисоци врз администрацијата од власта на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи оценувањето треба да се спроведе во предизборниот период, а шефови и раководители поставени од власта го имаат главниот збор со кој службеникот може да биде или казнет или избркан од работа – тврди Кирацовски.

Според него, недозволиво е пред изборите да се врши притисок врз административците.

Одговарајќи на новинарско прашање за демантот од министерката Марта Арсовска-Томовска, која вели дека неговите изјави биле политички и дека само еден службеник досега бил оценет слабо, Кирацовски вели дека таа „нема познавање на човечките ресурси“.

– Ѝ порачувам на министерката Арсовска-Томовска, наместо да се крие зад партиски соопштенија од Министерството, да излезе пред целата македонска јавност и да каже дали е за овој тип на оценување преку кој многу добри службеници можат да бидат казнети и каде партиски поставени шефови ќе оценуваат. Министерката Арсовска-Томовска сама беше изготвувач на овој закон и добро е пред целата македонска јавност и администрацијата да го изнесе својот став за овие прашања – изјави Кирацовски.