Македонија Кирацовски побара од МВР да ги истражи злоупотребите на администрацијата

Кирацовски побара од МВР да ги истражи злоупотребите на администрацијата

Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски, денеска на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, му ја предал документацијата за пријавени злоупотреби во институциите за партиско-политички цели во предизборниот период.

Како што соопштија денеска од кабинетот на Кирацовски, станува збор за сериозни индиции за сторени кривични дела и очекуваат тие ефикасно да бидат процесирани од МВР.

„Денеска, лично до министерот за внатрешни работи, ја поднесувам документацијата што ја добив од вработени во администрацијата преку веб-страницата што ја отворив за пријавување злоупотреби во предизборниот период. Овие документи содржат јасни индиции дека раководни кадри во институциите за партиско-политички цели ја злоупотребиле службената положба со тоа што влијаеле врз вработени во администрацијата да бидат гласачи на партијата на власт, да одат на партиски митинзи, протести, контрапротести и слично. Моја должност е овие информации да ги проследам до надлежните институции, во случајов МВР. Станува збор за сериозни индиции за сторени кривични дела и очекувам МВР ефикасно да ги процесира. Администрацијата се охрабри, не дозволува повеќе да биде инструмент на власта. На овие избори не дозволувам злоупотреба на администрацијата! На 11 декември мора да има слободни и регуларни избори!“, стои во соопштението од кабинетот на Кирацовски.

Од МВР соопштија дека Спасовски ги примил документите и истакнал дека МВР ќе изврши проверка на сите индиции наведени во документите и ќе постапи во согласност со своите надлежности.