Македонија Кирацовски избран за шеф на Изборниот штаб на СДСМ за изборите

Кирацовски избран за шеф на Изборниот штаб на СДСМ за изборите

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, е избран за шеф на изборниот штаб за претстојните претседателски избори, информираат од владејачката партија.

Од таму додаваат дека изборниот штаб, заедно со останатите политички партии што го поддржуваат заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски, е подготвен да организира позитивна, принципиелна, мирна и достоинствена изборна кампања во духот на демократските и европските вредности.

„Политичките партии имаат обврска пред граѓаните и државата да дадат свој придонес кон фер и демократски предизборен и изборен период. Во Република Северна Македонија ќе има кристално чисти фер, слободни и демократски избори“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат дека победата на Стево Пендаровски ќе биде уште една победа на концептот едно општество, победа на напредокот, развојот и интеграцијата.