Дописници Кинеска медиумска експедиција воодушевена од Охрид

Кинеска медиумска експедиција воодушевена од Охрид

Група кинески новинари од печатени и од електронски медиуми, заедно со официјален претставник од Секторот за меѓународна соработка на провинцијата Чунгчин од НР Кина, во Охрид се сретнаа со претставници на локалната самоуправа и ги разгледаа најзначајните споменици на историјата и на културата.

Престојот на кинеските новинари во Охрид и в Македонија е претходница за нивниот ангажман на Самитот на шефови на влади од земјите од Централна и Југоисточна Европа и на НР Кина, што ќе се одржи на 16 декември годинава во Белград, соседна Србија.

Нивната цел, со посетата на Охрид, е по враќањето, пред кинеската јавност да ги претстават туристичките потенцијали на градот, како и можностите за инвестирање. Тие се воодушевени од убавиот Охрид, неговата богата историја и од културното наследство.

– Се надевам дека сите овие активности во крајна линија ќе резултираат со значајно зголемен број туристи од Народна Република Кина кај нас – истакна претседателката на градскиот Совет, Гордана Коњановска.

Главната и одговорна уредничка на весникот „Чунгчинг дејли“, Рен Раи, вели дека целта на посетата на Охрид и на Македонија е запознавање на кинеската јавност преку нивните медиуми со условите за инвестирање во Охрид и во Македонија, како и промовирање на градот како привлечна туристичка дестинација.

– Сакаме на кинеската јавност да ѝ ја презентираме соработката меѓу Македонија и Кина, како и условите за инвестирање во вашата земја. Целта, меѓу другото, е и презентирање на Охрид како туристичка дестинација. По оваа посета ќе настојуваме што повеќе да пишуваме за Охрид, затоа и лично дојдовме тука. На средбата ни беше укажано за сите услови и поволности за инвестирање во Охрид и во Македонија и ние истите ќе ги презентираме пред потенцијалните кинески инвеститори – вели Раи.

Чунгчинг е провинција и административна целина во НР Кина која брои повеќе од 30 милиони жители.