Подглавна секција Кијив погоден со најголемиот напад со дронови од почетокот на војната

Кијив погоден со најголемиот напад со дронови од почетокот на војната

Сите освен еден од 75 дронови биле соборени од украинските воздушни сили и засега се немаат забележано загинати

Foto: Silver Ringvee @ unsplash.com

Вчеравечер Русија го започна својот најголем напад со дронови од почетокот на војната, вели градоначалникот на Кијив Витали Кличко.

Главниот град на Украина бил нападнат со 75 „Шахид“ дронови од иранско производство. Сите освен еден биле соборени од украинските воздушни сили. Нападот и соборувањето на дроновите траело шест саати во текот на ноќта, известува Би-би-си. Сепак, и остатоците од соборените дронови може да предизвикаат штета.

Нема пријавени смртни случаи како последица овој напад, но најмалку пет лица се повредени, меѓу кои и едно 11-годишно дете. Една од оштетените згради вклучува детска градинка.

Со намалените залихи на ракети во Русија, „Шахид“ дроновите се сметаат за евтина алтернатива. Тие се побавни од балистичките ракети.

Нападот доаѓа по неколку тивки недели од Москва. Се сомневаше дека во овој период Русија ги надградувала своите залихи за ракети.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги нарече нападите чин на „намерен терор“ и рече дека неговата земја „ќе продолжи да работи на обединување на светот при одбраната од рускиот терор“.

Истовремено, Русија го прогласи поранешниот премиер на Русија Михаил Касјанов за „странски агент“. Ова значи дека тој ќе мора да објавува детални финансиски извештаи и дека ќе мора означува како странски агент при какви било негови објави.

Касјанов служел како премиер од 2000 до 2004 година, во првата администрација на рускиот претседател Владимир Путин. Тој бил отпуштен кратко пред вториот мандат на Путин и оттогаш е во опозицијата и остро го критикува Путин. Во 2022 година тој ја напушти Русија и моментално живее во Латвија.