Подглавна секција Кејт Мидлтон обелодени дека има рак и прима превентивна хемотерапија

Кејт Мидлтон обелодени дека има рак и прима превентивна хемотерапија

Во видео изјавата, Кејт вели дека тоа било „огромен шок по „неверојатно тешки неколку месеци“

Freelance Media Group - YouTube, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, попладнево преку видео порака изјави дека е во рана фаза на лекување, откако тестовите по извршената интервенција во јануари откриле дека има рак, пренесе Би-Би-Си.

Во видео изјавата, Кејт вели дека тоа било „огромен шок по неверојатно тешки неколку месеци“.

Но, таа испрати позитивна порака, велејќи: „Добро сум и станувам сè посилна секој ден“.

Деталите за каков вид карцином станува збор не се објавени, но од Кенсингтонската палата изјавија дека се уверени дека принцезата целосно ќе закрепне. Во изјавата, Мидлтон објаснува дека кога имала операција на абдоменот во јануари, не се знаело дека е присутен ракот.

„Сепак, тестовите по операцијата покажаа дека има рак. Мојот лекарски тим затоа ме советуваше да одам на превентивна хемотерапија и сега сум во рана фаза на тој третман“, изјави принцезата.

Таа рече дека мисли на сите заболени од рак, додавајќи: „До сите кои се соочуваат со оваа болест, во која било форма, ве молиме да не губат верба и надеж. Не сте сами.”

Кејт изјави дека закрепнувањето од операцијата траело долго и дека сега приоритет и е семејството.

„Вилијам и јас правиме се што можеме за да го обработиме и решиме ова приватно заради нашето семејство“.

„Ни требаше време да им објасниме се на Џорџ, Шарлот и Луис на начин што им одговара и да ги убедиме дека ќе бидам добро“, додаде таа.

Таа рече дека на семејството сега му треба „некое време, простор и приватност“.

Палатата исто така соопшти дека ненадејното отсуство на принцот Вилијам од комеморацијата кон крајот на февруари е резултат на откривањето на дијагнозата на рак на Кетрин.