Дописници Ќе се урива Мостот на желбите во Охрид

Ќе се урива Мостот на желбите во Охрид

Мостот наречен Желби, подарок од Велија Рамковски, ќе биде срушен и на негово место, државата ќе гради нов, по нова траса и нешто подоллг. Наместо од кај црквата „Св. Софија“, новата пешачка патека овојпат треба да тргне од градското пристаниште во Охрид и да стигне до плажата Потпеш и до населбата Канео. Според најавите, треба да биде изградена до крајот на 2016 година.

За Мостот на желбите имаше решение и најава за уривање на 23 јули годинава, но поради противењето на жителите од Канео, на кои мостот им го олеснуваше пристапот до дома, рушењето беше одложено.

Министерството за транспорт и врски веќе објави јавен оглас за изработка на проектна документација за изградба на пешачка патека од охридскиот плоштад до црквата „Св.Јован Канео“ и за поврзување со патека до плажата Лабино.

Проценетата вредност на проектната документација без ДДВ е околу 19.000 евра или 1,2 милиони денари. Критериум за доделување на договор е најниската цена, а при постапката ќе се користи електронска аукција. Крајниот рок за доставување на понудите е 17 декември 2014 година, кога ќе се одржи и јавното отворање на истите. Во огласот стои дека период на важност на понудата е 90 денови или до 17 март 2015 година.