Култура Ќе се снима детска авантура во дивина „Потрага по загубеното богатство“

Ќе се снима детска авантура во дивина „Потрага по загубеното богатство“

„Потрага по загубеното богатство“ е темата на филмската авантура што летово ќе се снима во рамки на филмскот детски камп во периодот од 26 јуни до 1 јули, а во организација на КЦ „Тинтири минтири“ и „Аурипигмент продукција“ од Скопје.

Група деца секојдневно ќе работат на снимање филм на тема „Потрага по загубеното богатство“, каде децата вистински ќе бараат богатство и ќе го најдат, а сето тоа ќе биде снимено со филмска камера. Во текот на снимањата, покрај усовршувањето на актерските вештини, децата ќе стекнат основни знаења за тоа што и како се режира, како се снима и се продуцира едно филмско дело, како се поставува природно и вештачко светло, работа со тон и уште многу други работи поврзани со филмот.

Воедно, со помош на инструкторот за техники на преживување во природа, децата ќе стекнат и основни вештини за снаоѓање во природа и напредни извиднички техники: палење оган, подготвување храна во природни услови и користење природни ресурси, поставување камп, прва помош и заштита и сл.

– Прашањето што ќе нè раководи при снимањето и другите активности е како ќе се снајдеш ако си изгубен на пуст остров, на место без цивилизација и без техника? Филмот што ќе се сними ќе биде првата македоска авантура во дивина, а сите заинтресирани ќе можат премиерно да го гледаат на големо платно – вели Кузман Кузмановски, режисер и раководител на КЦ „Тинтири минтири“.

Пријавувањето за кампот е во тек, а рокот е до 20 јуни 2015 година.

Снимениот филм ќе биде презентиран јавно, спакуван како адаптирано аудио-визуелно четиво за деца. Секое дете учесник во кампот ќе добие примерок од финалниот производ и дел од „пронајденото богатство“.