Македонија Кардиохирургот Јовев го нападнал директорот на клиниката Шокаровски?

Кардиохирургот Јовев го нападнал директорот на клиниката Шокаровски?

И покрај соопштението на полицијата, д-р Јовев вели дека тој всушност бил во полициска станица за да пријави напад и мобинг од страна на директорот на Клиниката за кардиохирургија

Фото: Мета.мк

Познатиот кардиохирург Сашко Јовев физички го нападнал актуелниот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски и вербално нападнал медицинска сестра. Настанот е евидентиран од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).

„На 18.09.2023 околу 10.00 часот во СВР Скопје добиена е пријава од Клиниката за кардиохирургија дека С.Ј.(вработен во клиниката) вербално нападнал медицинска сестра, а потоа физички го нападнал М.Ш. (директор на клиниката), по што ја напуштил клиниката и самиот се пријавил во ПС Центар. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, се вели во полицискиот билтен.

И од Министерството за здравство известија за инцидентот.

„Министерството за здравство информира дека денеска на Клиниката за кардиохирургија се случил инцидент за што е известена полицијата. Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити е запознаен со настанот и од здравствените работници побара совесно и професионално однесување и да се посветат на пациентите“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Мета.мк контактираше со д-р Јовев кој изјави дека тој всушност бил во полициска станица за да пријави напад врз него.

„Денес ми беше прв ден на работа по годишен одмор и боледување. Кавгата со Шокаровски настана бидејќи не ми дозволи да повикам во амбуланта помлад колега кој ќе ми помага. Во еден момент на вербалната расправија, тој замавна и несакајќи ме удри со лупите и на окото имам оток. Пријавив напад и мобинг врз мене во полициска станица, бидејќи ова не е првпат да има ваков однос“, изјави Јовев за Мета.мк.

Во јуни годинава, познатиот кардиохирург Јовев беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство, под чудни околности, со оглед на тоа што тој предводеше големи тимови кои извршија историски трансплантации во земјава. Јовев тогаш изјави дека освен партиски побуди на министерот, сигурно не постојат други причини, бидејќи резултатите од неговата работа говорат самите по себе.

Образложението на Меџити, пак, беше дека повеќе нема да има „директори кои седат и спијат по пет или десет години и немаат никаков резултат“. Тој тогаш изјави дека нема политика во разрешувањето, туку индиции за направени злоупотреби.

„Секаде каде што ќе има злоупотреби, со мене како министер, ќе има и санкции“, рече тогаш Меџити.