Свет Европа Капетанот на урнатиот авион на „Ер Азија“ го исклучил заштитниот систем

Капетанот на урнатиот авион на „Ер Азија“ го исклучил заштитниот систем

Капетанот на авионот на „Ер Азија“, кој во декември минатата година се урна во Јаванско Море, не бил на своето место за време на несреќата. Со авионот управувал копилотот, кој изгубил контрола, а додека капетанот да се врати на своето место, веќе било предоцна за спасување на авионот кој паѓал, пишува „Индипендент“, повикувајќи се на два извори поврзани со истрагата.

Изворите велат дека откако ги прегледале остатоците од авионот, откриле дека капетанот го исклучил компјутерскиот систем ФАК, што, како што велат, е многу невообичаено и оти тоа, во принцип, не се прави. За да го направи тоа, капетанот морал да ја напушти својата позиција.

Исклучувањето на ФАК веројатно директно не го променило патувањето на авионот, но, во секој случај, би ја оневозможило заштитата која, инаку, го спречува пилотот да оди над безбедносните граници.

Откако ФАК е исклучен, авионот првин почнал нагло да се крева, а потоа почнал да ја губи висината, сметаат истражителите.

Во несреќата загинаа 162 лица.