Главна секција Канческа-Милевска: Бев повикана како сведок и потврдив дека работиме законски

Канческа-Милевска: Бев повикана како сведок и потврдив дека работиме законски

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска била повикана во својство на сведок во Специјалното јавно обвинителство, потврди таа по распитот, кој траеше околу три и пол часа.

Таа кусо изјави дека има можност да го потврди и да го истакне законското работење на Министерството за култура. Во текот на денешниот распит, Канческа-Милеска не сакаше да каже други детали, со образложение дека не е овластена да коментира поради тајноста на истрагата.

Неофицијално, министерката е повикана за проектот „Скопје 2014“, за кој претходно во текот на месецов искази дадоа градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, и поранешниот министер за култура, Арифхикмет Џемаили.

Утринава во СЈО беше и македонскиот бизнисмен Орце Камчев, еден од сопствениците на „Медиа принт Македонија“, на болницата „Аџибадем Сиситина“, „Орка холдинг“, „Стопанска банка – Битола“, ЗИГ „Пелагонија“ и на други фирми. Тој ги избегна новинарските екипи без да даде изјава во кое својство бил повикан и за кој случај.

Камчев, кој важи за близок до власта, според последната листа на „Форбс“, е најбогатиот човек во Македонија.