Македонија Кампањата на „Лице в лице“ за матичните броеви избрана за најдобра во...

Кампањата на „Лице в лице“ за матичните броеви избрана за најдобра во Ливерпул

Оваа награда за најдобра кампања се доделува за иницијативи со значаен општествен импакт

Фото: Лице в лице

„Лице в лице“ доби награда за најдобра кампања на годинешните награди што ги доделува Меѓународната мрежа за уличен печат кои се доделуваа завчеравечер во Ливерпул. Категоријата за Најдобра кампања е за уличните весници и списанија кои покренале свесност за проблемите со кои се соочуваат нивните продавачи или кои застапувале за промена со која ќе се подобри работата на нивните продавачи.
Дел од натпреварот биле над 90 списанија од 35 земји од целиот свет.

Списанијата се натпреварувале во шест категории: најдобра насловница, најдобар напис, најдобра кампања, најдобра поддршка за продавачот, најдобар придонес од продавач, најдобра фотографија. „Лице в лице“ беше меѓу петте финалисти и во категоријата Најдобра насловна страница со насловница посветена на економското зајакнување на жените, дизајнирана од Ружица Мандичевска (Руки Чуки).

Оваа награда за најдобра кампања се доделува за иницијативи со значаен општествен импакт.

Кампањата што ја започна „Лице в лице“ доби и значајна медиумска поддршка и соработка со здруженија кои обезбедуваа бесплатна правна помош. По долгите правни битки, проблемот остана нерешен сѐ до мај 2023 година, кога смртта на Мемет Камбер предизвика јавно негодување и засилени напори за застапување. Во јуни 2023 година, по овие напори, беше усвоена измена на Законот за матична евиденција, овозможувајќи им на лицата родени во земјата конечно да добијат лични документи.

Една година подоцна, повеќето продавачи ги добија своите документи, а земјата се приближи кон тоа да стане првата во Европа што ќе стави крај на бездржавјанството. Ова движење што го започна „Лице в лице“ на списанието му ја донесе и и државната награда „Мето Јовановски“ за човекови права во декември 2023 година.

Фото: Лице в лице