Членовите на жири-комисијата за наградата за најдобар книжевен превод „Драги“ го одржа својот прв работен состанок на 20 август 2024 (вторник) во просториите на издавачката куќа „Антолог“ и одлучи во првиот круг на селекција да влезат 22 изданија од 14 издавачки куќи, во превод на 23 преведувачи и од 11 различни јазици.
Како што соопшти издавачката куќа, делата што влегуваат во вториот круг (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите):
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на Антолог, 2024 година;
- Ана Неверова-Христова и Филип Христов за преводот од руски на „Злосторство и казна“ од Фјодор М. Достоевски, издание на Антолог, 2024 година;
- Горјан Костовски за преводот од англиски на „Страв од разделба“ од Гевин Бредли, издание на Струшки вечери на поезијата, 2023 година (доставено во електронски формат);
- Дарко Спасов за преводот од словенечки на „Агни“ од Борут Крашевец, издание на Чудна шума, 2023 година;
- Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на Бегемот, 2024 година;
- Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на Артконект, 2023 година;
- Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2024 година;
- Ели Пујовска за преводот од холандски на „Пена и пепел“ од Јан Јакоб Слауерхоф, издание на Макавеј, 2023 година;
- Живко Грозданоски за преводот од италијански на „Пред да падне ноќ“ од Силвија Векини, издание на Бата прес, 2023 година;
- Звонко Димоски за преводот од полски на „За кентаурите“ од Зузана Гинчанка, издание на Ма продукција, 2024 година (доставено во електронски формат);
- Игор Поповски за преводот од шпански на „Смрт на Андите“ од Марио Варгас Љоса, издание на Полица, 2024 година;
- Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, издание на Паблишер, 2023 година;
- Искра Бадева за преводот од норвешки на „Историја на пчелите“ од Маја Лунде, издание на Антолог, 2023 година;
- Калина Малеска за преводот од англиски на „Мали нешта како овие“ од Клер Киган, издание на Артконект, 2023 година;
- Катарина Ѓурчевска Атанасовска за преводот од англиски на „Даблинци“ од Џејмс Џојс, издание на Макавеј, 2023 година;
- Катерина Шекутковска за преводот од германски на „Мачката Елеонора“ од Карен Јес, издание на Илика, 2024 година;
- Катица Гароска Ацевска за преводот од француски на „Ти си поезија“ од Патрис Павис, издание на Перун артис, 2023 година;
- Маја Стојаноска-Филдишев за преводот од англиски на „Град во облаците“ од Ентони Дор, издание на Матица македонска, 2024 година;
- Милан Дамјановски за препевот од англиски на избор песни „Адам Хоровиц“, издание на Струшки вечери на поезијата, 2023 година (доставено во електронски формат);
- Оливера Павловиќ за преводот од руски на „Градината“ од Марина Степнова, издание на Антолог, 2023 година;
- Томе Сиљаноски за преводот од англиски на „Белешки на еден стар гад“ од Чарлс Буковски, издание на Бегемот, 2023 година;
- Филип Димевски за преводот од полски на „Човекот каков е, секој гледа“ од Мажена Матушак, издание на Сказнувалка, 2023 година.
Жири комисијата во состав д-р Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник од семејството на Драги Михајловски), д-р Зорица Николовска (редовен професор на Катедрата за германски јазик и книжевност и преведувач; претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Владимир Јанковски (писател и преведувач, претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“) истакна дека првичниот избор од 43 наслови е исклучително голем, и во однос на хетерогеноста на авторите и нивните преведувачки зафати, како и во пристапот кон преводот.
„Изборот на книжевни дела кои влегуваат во следниот круг беше тежок, не само поради различниот стил и обем на делата, туку и дека е тешко да се прави квантитативна евалуација на различни книжевни родови“, се вели во соопштението на „Антолог“.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. За наградата „Драги“ првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.