Дописници Калиопи прва ќе им ја честита Нова година на битолчани

Калиопи прва ќе им ја честита Нова година на битолчани

Поп-дивата Калиопи ќе ги забавува битолчани за најлудата ноќ на плоштадот Магнолија, соопшти локалната самоуправа од Битола. Покрај неа, битолчани на неколку часа пред почетокот на новата 2015 година ќе уживаат и во музиката на повеќе групи од градот, како „Памперси“, „Паркети“, „Боеми“, Сефедин Бајрамов. На забавата меѓу специјалните гости ќе бидат Ламбе и Лозано.

Калиопи денска во Битола беше задоволна што за Нова година ќе  настапува во живо со својата група токму пред битолчани.

– Ви благодарам за срдечната покана. Моја привилегија е да ја поминам оваа вечер со битолчани затоа што знаете што за мене претставува Битола. Секој мој концерт во овој прекрасен град бил исполнет со многу емоции. Мислам дека овој град заслужува многу. Јас ќе се обидам таа вечер да ви ги стоплам срцата, а подготвуваме навистина добра програма – рече Калиопи.

Новогодишните  забави ќе почнат викендов со детска програма. Најмладите ќе другаруваат со детските хитови од детските фестивали „Си-до“, „Тра-ла-ла“, „Мегабит кидс“ и „Детско-тинејџерски фестивал“. На отворено ќе бидат одиграни и четири детски театарски претстави: „Работилницата на Дедо Мраз“, „Најубавата ноќ“, „Новогодишна приказна за Дедо Мраз“ и „Земјата наопаку“, како и два доста интересни настани – детскиот перформанс „Собата на Дедо Мраз“ и новогодишна креативна работилница „Среќни 365 денови“. Еден ден пред Нова  гдоина во Центарот за култура со почеток во 20 часот е традиционалниот Новогодишен концерт на битолскиот камерен оркестар.

А.Б.