Главна секција Кабинетот на Димитриев: Влада за спроведување избори или за исполнување желби

Кабинетот на Димитриев: Влада за спроведување избори или за исполнување желби

Изминативе неколку денови, Владата одобри вработувања, простории и возила за да ѝ обезбеди услови на Државната изборна комисија да може да работи, а од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ ги повлекоа и сите забелешки што ги имаа за методологијата што ДИК ја подготви за прочистување на избирачкиот список.

Владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ очигледно не сака да остави ниту едно нешто незавршено по што ќе можат да се „пофалат“ дека ги направиле сите потребни чекори за изборите да се случат и да бидат прогласени за успешни.

– Ги разгледавме кадровските прашања и потреби на ДИК и утврдивме дека сите вработувања што ќе бидат потребни, Министерството за финансии и Владата ќе ги одобрат. Сакаме ДИК навреме да ги заврши сите подготвителни активности околу прочистувањето на избирачкиот список и другите активности во нејзина надлежност – изјави Ставрески пред една недела, кој вети дека ДИК ќе добие помош и за обезбедување простор за работа и возила.

Од Владата забрзано одобруваат сè што ќе им се побара, па дури и повеќе од тоа, за изборите кои ги закажаа на 24 април без согласност од опозициските партии. Досега, ова се потезите што водат кон избори наскоро:

  • Од Владата испратија соопштение во кое потврдуваат дека за ДИК обезбедиле 50 возила и три нови простории во поранешната зграда на „Нова Македонија“.
  • Препорачале до повеќе институции да потпишат меморандум за сорабока со ДИК за да можат полесно да разменуваат податоци за прочистувањето на избирачкиот список.
  • Пратениците вчера, иако со забелешки за работењето на специјалната обвинителка, Катица Јанева, го одобрија нејзиниот буџет од околу четири милиони евра.
  • Вo средата провладините медиуми и јавниот сервис испратија соопштенија и издадоа кодекси за избалансирано известување.
  •  МРТВ – јавниот сервис, околу кој се кршат копјата во преговорите за реформи во медиумите, објави оглас за нов урединк на информативната програма.
  • Техничкиот премиер за спроведување на изборите, Емил Димитриев, по вчерашната средба со ДИК рече дека Владата се заложува за да се спроведат фер и демократски избори кои ќе бидат верификувани од сите надлежни институции. „Од наша страна изразивме подготвеност да ја одржуваме комуникацијата на дневна основа и да ги решаваме сите проблеми што ќе помогне да организираме едни фер и демократски избори, кои ќе бидат верификувани од сите институции надлежни за надзор. Останува и понатаму да комуницираме со ДИК, договоривме ресорни состаноци за поединечни теми и така ќе продложиме во понатамошниот период“, изјави Димитриев.