Македонија Јолевски: Целта на Македонија е да биде полноправна членка на НАТО

Јолевски: Целта на Македонија е да биде полноправна членка на НАТО

Македонија е подготвена да го заземе своето заслужено место како полноправна членка на НАТО, истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски, на денешната средба во Министерството, со заменик-помошникот секретар за одбрана на САД, Евелин Фаркаш, која престојува во посета на нашата држава.

Јолевски истакнал дека стратегиските цели на Македонија и понатаму останува да бидат членство во НАТО и во Европската унија.

– Реформските процеси се движат со високо темпо, а со тоа ние влијаеме и врз развојот на капацитетите на Армијата на Република Македонија. Пример за тоа се планираната модернизација на Армијата на Република Македонија и понатамошно зајакнување на обученоста на припадниците на АРМ и тоа преку процесот на прием на професионални војници во армијата, кој е долг, но има една цел – прием на најквалификуваните кадри во редовите на армијата. Како начин на развој на одбраната, министерот ја спомена и Воената академија на која во текот на оваа школска година ќе почне да се предаваат предмети на англиски јазик во трета и во четврта година, со што ќе се влијае на можноста за размена на студенти со земјите-партнери – рече Јолевски.

Фаркаш, како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, истакнала дека САД ја поддржуваат Македонија во процесот на добивање полноправно членство во Алијансата, а се и исклучително благодарни за учеството на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за поддршка на мирот.

– Македонските мировници се едни од највизибилните во Авганистан. Кога ќе помислам на мисијата, тие се првите кои ми доаѓаат на ум. Станува збор за вистински професионалци со високо развиени квалитети и капацитети – рече Фаркаш.

Јолевски и Фаркаш се согласиле дека билатералните одбранбени односи меѓу двете земји се исклучително високи и дека и во иднина треба да се задржи истото темпо, а воедно и да се изнајдат нови иновативни можности и начини за нејзин дополнителен развој.