Македонија Јолевски: НАТО нема побарано распоредување ракетен штит во Македонија

Јолевски: НАТО нема побарано распоредување ракетен штит во Македонија

Северно-атлантската алијанса досега не побарала од Македонија на нејзина територија да бидат распоредени инсталации за рекетни штитови, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во интервју за „Радио Скопје“.

– Досега нема никакви барања од НАТО за разместување инсталации на ракетни штитови на територијата на Република Македонија. Битно е тука да се истакне дека Република Македонија својата иднина ја гледа како членка на евро-атлантските структури, како членка на НАТО и на Европска Унија. Ние продолжуваме со напорите и со презентација на достигнатото, на реформите за што поскоро да станеме членки на овие институции – рече, меѓу другото, Јолевски, во интервјуто во контекст на кризата во Украина.

Министерот за одбрана нагласи дека Македонија, како суверена држава, паралелно ја развива соработката и со други земји каде што постои заемен интерес за билатерална соработка и тоа не само со Руската Федерација и Украина, туку и со Народна Република Кина и со Полска.

– Јас многупати сум истакнал и моите соговорници се согласиле дека членството на Република Македонија во НАТО ќе придонесе не само за зајакнување на стабилноста на Република Македонија, туку и за зајакнување на стабилноста и во регионот и во Европа – изјави Јолевски.