Македонија Јолевски на Бриселски форум порача: Местото на Македонија ѝ е во ЕУ...

Јолевски на Бриселски форум порача: Местото на Македонија ѝ е во ЕУ и во НАТО

Местото на Република Македонија е во рамките на НАТО и на ЕУ, како рамноправен член кој се залага за економски просперитет, мир и за безбедност во Европа и во светот, изјави министерот за одбрана на Македонија, Зоран Јолевски, на десеттиот јубилеен Бриселски форум во организација на Германскиот Маршал-фонд (ГМФ).

Министерот Јолевски, како што стои соопштението од Министерството, говорел за плановите на Република Македонија за интеграција во НАТО и во Европската унија, реформите во областа на образованието и приливот на странски инвестиции во државата.

Покрај министерот Јолевски, на форумот се обратил и Џорџ Воиновиќ, поранешен сенатор на САД, Кори Удовички, потпретседателка на владата на Република Србија, Иван Вејвода, потпретседател за програми при ГМФ и домаќинот на вечерата.

За време на Бриселскиот форум, Јолевски остварил средби со државни и стручни претставници, како Даниел Фрид, координатор за политика во Стејт департментот, Дејмон Вилсон, извршен потпретседател при Атлантскиот совет, Ален Лероа, генерален секретар на Европската служба за надворешни работи, и амбасадорот Алесандро Минуто-Ризо, поранешен заменик генерален секретар на НАТО.

На средбите, како што стои во соопштението, биле потврдени аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО и во ЕУ, биле истакнати реформите во областа на образованието и на здравството, реформите и модернизацијата на АРМ, како и сè поголемиот број на странски инвестиции и завидните резултати во областа на економијата.

„Република Македонија беше поддржана од страна соговорниците да продолжи да се движи по патот кон НАТО и кон ЕУ, поздравени беа и неопходните реформи кои Владата на Република Македонија ги усвојува за да ја подобри благосостојбата на македонските граѓани и да ја внесе Македонија во Евро-атлантското семејство. При разговорите, соговорниците изразија благодарност за придонесот на македонските војници во мисиите ИСАФ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан, со која Република Македонија докажува дека е партнер на НАТО и на ЕУ за промоција на слободата и на безбедност во светот. Планот за евроатлантската интеграција, како крајна цел на Република Македонија и на сите земји од регионот, беше поздравен од сите соговорници“, соопштија од министерството.

За време на панел-дискусиите на форумот, станало збор и за иднината на соработката меѓу ЕУ и САД. Говорниците истакнале дека односите со САД треба и понатаму да се негуваат и унапредуваат, особено во сегашниот геополитички период на промени и конфликти во Украина и на Блискиот Исток.

Јолевски во разговорите со високите функционери на американската администрација задолжени за преговорите за Трансатлантската спогодба за слободна трговија и заштита на инвестициите, позната како ТТИП, укажал на потребата во овој договор да има клаузула со која ќе се овозможи пристапување на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја Македонија.