Дописници ЈКП Тетово обвинето за загрозување на животната средина

ЈКП Тетово обвинето за загрозување на животната средина

Обвинителен предлог за загрозување на животната средина и на природата со отпад, поднесе Основното јавно обвинителство Тетово против Јавното комунално претпријатие Тетово. Комуналното претпријатие се товари дека комуналниот отпад го одложува на претоварна станица, која не работи по стандарди.

– Се работи за отворен тип на претоварна станица, каде се одложува комуналниот отпад од градот и од приградските населби, а каде не постои никаква заштита од непријатниот мирис, прашина, расфрлување на отпадот под дејство на атмосферско влијание, ветар или слично ниту, пак, постои заштита од наезда на глодари, животни скитници и од птици – стои во обвинителниот предлог на  Основното јавно обвинителство Тетово.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово не сакаат да се произнесат со свој став. Оттаму велат дека работат на решавање на проблемот со претоварната станица.

– Обезбедени се средства за изградба на затворен објект за претовар на комуналниот отпад. Објектот ќе биде по сите стандарди. Се чека Општина Тетово да најде локација каде ќе се гради станицата, која освен за одложување на сметот, ќе се користи и за рециклирање – изјави директорот на ЈКП Тетово, Џелал Цека.

Вкупната инвестиција за новата претоварна станица ќе изнесува 10 милиони денари.