Главна секција Јанева побара 14, а доби само седум обвинители

Јанева побара 14, а доби само седум обвинители

Советот на јавни обвинители, по повеќе од три часа расправа, денеска донесе одлука да го преполови тимот на Катица Јанева и наместо предложените 14, одобри само седум помошници-обвинители.

Oд предложените кандидати не е прифатен ниту еден од скопското обвинителство.

Јанева за одлуката на Советот на јавни обвинители дозна од новинарските екипи, по завршувањето на седницата. Таа изјави дека не се согласува со одуката и најави дека стои зад својот тим од 14 јавни обвинители и ако е потребно секој ден ќе бара Советот да ја промени својата одлука.

– Со денешната одлука, Советот на јавни обвинители го прекрши Законот за специјално обвинителство, а со тоа и Договорот од Пржино. Јас стојам зад мојот тим од обвинители и ќе се борам до крај сите да бидат вклучени во работата – рече Јанева.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, не прецизираше точно по кој критериуми е донесена одлуката за тимот на Јанева да брои седум наместо 14 обвинители. Тој изјави дека тоа е направено земајќи го предвид бројот на предмети, по кои ќе постапува специјалното обвинителство и бројот на тимови што ги побарала Јанева, а нивниот број бил седум. Исто така, Аневски рече дека нивната одлука не значи дека е конечна и ако има потреба, бројот на обвинители ќе биде зголемен.