Хроника Ја задавил медицинската сестра, па сакал да се самоубие

Ја задавил медицинската сестра, па сакал да се самоубие

Дваесет и двегодишниот Н.К. од скопското село Петровец, вчеравечер, околу 22 часот, ја задавил 31-годишната соселанка Д.З. во една од потпокривните простории на Детската клиника – Скопје.

Како што соопшти полицијата, Н.К. и Д.З. по претходен договор се сретнале во покривната просторија на Детската клиника при што настанала вербална расправија. Во еден момент Н.К. физички ја нападнал Д.З. и со употреба на физичка сила, ја задавил. Потоа, од засега непознати причини, Н.К. го одвлекол и го оставил безживотното тело на една од покривните тераси и истиот седнал на работ од покривот, со намера да скокне од зградата и да се самоубие.

Пациент го забележал Н.К. седнат на работ на покривот, по што случајот го пријавил на болничкото обезбедување, од каде е пријавено и во МВР.

На Детската клиника веднаш пристигнале припадниците на Единицата за прв одговор и интервенција „Алфа“ и на Единицата за специјални задачи, кои го пренеле безживотното тело на Одделението за интензивна нега, каде што и покрај напорите, медицинската екипа не успеала да ја реанимира Д.З..

Околу 22.35 часот, Н.К. е симнат од покривот и приведен. Во текот на денешниот ден против него ќе биде поднесена кривична пријава за убиство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата е предадено за обдукција во Институтот за судска медицина.