Економија Извозот во првите девет месеци намален за околу 390 милиони евра во...

Извозот во првите девет месеци намален за околу 390 милиони евра во однос на лани

Вкупната вредност на извозот на стоки, во периодот јануари-септември 2015 година, изнесува 3.299.342.000 долари и во однос на истиот период лани има намалување за 394.912.000 долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на увозот на стоки во Македонија, во периодот јануари-септември 2015 година, изнесува 4.647.266.000 долари и во однос на истиот период од минатата година има намалување од 771.603.000 долари.

Трговскиот дефицит во овој период изнесува 1.347.924 американски долари. Покриеноста на увозот со извоз е 71 процент.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи).

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.