Македонија Извозот во јануари зголемен за 10,1 отсто, дефицитот достигна 116 милиони евра

Извозот во јануари зголемен за 10,1 отсто, дефицитот достигна 116 милиони евра

Вкупната обем на размената со странство во јануари годинава изнесувал 1.029.944 илјади евра, при што вредност на извозот на стоки од Македонија била 457.194 илјади евра, за 10,1 отсто повеќе во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика. Вредноста на увeзената стока, пак, изнесувала 572.750 илјади евра, што е за 0,5 отсто повеќе во споредба со тој период од претходната година. Трговскиот дефицит е пресметан на 115. 556 илјади евра.

Покриеноста на увозот со извоз во јануари била 79,8 отсто, а трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо било учеството на катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија. Потоа, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникел. Со други зборови, производството во странските фабрики кои работат во технолошко индустриските зони во државава. Па, така, и нивните суровини за преработка имаат најголемо учество во увозот.

Според статистиката, во увозот најмногу се застапени други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамички производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, нафтени масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и плоснато-валани производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

Во првиот месец од годинава, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Кина, Србија и Грција.