Подглавна секција Израел повторно врши воздушни напади врз Бејрут, нареди евакуации

Израел повторно врши воздушни напади врз Бејрут, нареди евакуации

Дополнително, копнената офанзива на Израел во јужен Либан продолжува, каде има пресметки меѓу Хезболах и израелските сили

Бејрут, Либан | Фото: marviikad, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Утрово имаше експлозии во јужен Бејрут, кратко откако израелските сили наредија граѓани во тој предел од градот да се евакуираат, пренесува Гардијан.

Дополнително, копнената офанзива на Израел во јужен Либан продолжува, каде има пресметки меѓу Хезболах и израелските сили.

Израел вчера соопшти дека го таргетирал разузнавачкиот штаб на Хезболах со своите воздушни напади.

Повеќе од милион либански жители, или околу 20 отсто на вкупното население на државата, се раселени.

Палестинските медиуми во саботата известија дека лидерот на военото крило на Хамас и тројца членови на неговото семејство биле убиени во израелски напад врз палестински бегалски камп во северниот либански град Триполи. Израел го нема коментирано нападот.

Израел ги разгледуваше опциите за тоа како да одговори на иранскиот ракетен напад во вторникот врз Израел, кој беше одговор на израелската воена акција во Либан. Цените на нафтата се зголемија поради можноста од израелски напад врз нафтените постројки во Иран.

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека доколку би бил на местото на Израел, би размислувал за други опции освен напад на иранските нафтени полиња.