Подглавна секција Израел поставил експлозиви во илјадници пејџери кои вчера експлодираа во Либан

Израел поставил експлозиви во илјадници пејџери кои вчера експлодираа во Либан

Деветмина загинаа и најмалку 3.000 луѓе беа повредени во вчерашниот напад врз членови на Хезболах. Болниците во Либан се преоптоварени - некои пациенти се ослепени, а на други им се ампутираат прсти и раце

Фото: marviikad, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Израел стои зад вчерашниот напад во Либан во кој илјадници пејџери на членови на Хезболах истовремено експлодираа, открива Ројтерс и пренесува Би-би-си.

Деветмина загинаа и најмалку 3.000 луѓе беа повредени во запрепастувачкиот напад. Болниците во Либан се преоптоварени – некои пациенти се ослепени, а на други им се потребни ампутации.

Авторката и поранешна новинарка за Би-би-си Ким Гатас се враќала дома од погреб кога се случил нападот.

„Брзо настана хаос низ градот бидејќи луѓето не можеа да разберат што се случува. Прво мислевме дека е една голема експлозија во јужен Бејрут, а потоа стана јасно дека насекаде низ градот истовремено има повеќе мали експлозии. Потоа излегоа снимки од луѓе кои биле жртви на нападите, кои само плаќале на каса во маркет. Потоа со часови слушавме сирени. Безбедносните сили бараа од луѓето да не излегуваат на улици бидејќи сообраќајот беше преоптоварен. Навистина беше трауматичен настан на национално ниво“, изјави Гатас за Би-би-си.

Министерот за здравство на Либан соопшти дека мноштвото од пациенти примени во болниците биле цивили и дека повеќето повреди биле на главата и на рацете. Се ампутирале прсти и раце. Еден од повредените е и иранскиот амбасадор во Либан.

Според Ројтерс, Мосад, главната израелска разузнавачка агенција, поставила експлозиви во пејџерите кои биле увезени во Либан пред неколку месеци. Израелски и американски извори изјавија за Аксиос и Ал-Монитор дека експлозиите првично биле планирани како прв потег во „сеопфатна“ офанзива против Хезболах. Но, во последниве денови, Израел се загрижи дека Хезболах станал свесен за планот, поради што тие биле детонирани предвремено.

Според сликите од депонираните пејџери, се чини оти пејџерите биле во производство на тајванска фирма наречена „Голд аполо“. Фирмата негира дека дека имала инволвираност со вчерашниот план и дополни дека таа не извезувала добра во Либан. Основачот Хсу Чинг Кванг изјави дека неговата фирма склучила договор со европска фирма наречена „БАЦ“, со кој им дозволиле да произведуваат пејџери со нивниот дизајн и лого. Седиштето на „БАЦ“ моментално се наоѓа во Будимпешта.

Според анализа во Гардијан, „овој напад не можел да дојде во полошо време“, односно сред преговори за примирје. Ден пред нападот, советник на Џо Бајден апелирал Израел да не го нападне Либан. Дури и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант предупредуваше за катастрофалните последици на офанзива врз Либан. Неизненадувачки, Хезболах изјави оти планира да „врати“ за нападот.