Македонија Изложба на автентични македонски копаничарски дела во Рим

Изложба на автентични македонски копаничарски дела во Рим

По повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, синоќа во Рим се одржа традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“, пренесува МИА.

Во рамки на културната манифестација, која беше свечено отворена од претседателот на Владата, Никола Груевски, е поставена и изложба на автентични македонски копаничарски дела.

Премиерот Груевски во своето обраќање истакна дека Македонија и годинава, по 47. пат, дава свој придонес во чествувањето на големите словенски просветители, потврдувајќи ги уште еднаш добрите врски меѓу Македонија, Ватикан и Италија.

Груевски посочи дека резбаните ракотворби се создавани во еден од главните центри на уметноста во Македонија, градот Охрид, во познатата охридска резбарска школа.

– Експонатите кои се дел од оваа изложба, претставуват слоевит приказ на македонската резба, значаен сегмент од големото културно наследство – рече Груевски.

Тој се задржа и на значајноста на дејствувањето на свети Кирил и Методиј и на нивната значајна општествена улога.

Во рамки на манифестацијата се обрати и министерката за култура, Елизабета Качевска-Милевеска, која истакна дека на изложбата се презентирани врвни уметнички дела на 11 автори, современи охридски резбари од четири различни генерации.

– Тие резби преставуваат 35 ремек-дела кои датираат од 14 до 20 век и кои говорат за мајсторството, инвентивноста и креативноста на македонските резбари, кои создавале одлични уметнички примероци. Овие експонати се дел од богатата ризница на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид – посочи Канчевска-Милевска.