Македонија Изгаснат пожарот во Велешко, гори шума во Зелениково

Изгаснат пожарот во Велешко, гори шума во Зелениково

Синоќа по полноќ е локализиран пожарот кај велешкото езеро Младост, а денеска се работи на негово целосно гаснење.

Како што информира утрово Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), пожарот избувна вчера во 14.15 часот, зафати насади од борова шума и се ширеше со голем интензитет.

Во гаснењето биле ангажирани вработени и два авиона на Дирекцијата за заштита и спасување, 10 лица од противпожарната единица на Велес, четири лица од Шумско стопанство и други субјекти.

Локализиран е пожарот, но не и целосно изгаснат во општина Студеничани, кај селата Елово и Осинчани. Во пожарот, кој избувна вчера, гори мешана шума.

Вчера таму беше ангажиран еден авион на Дирекцијата за заштита и спасување, 21 припадник на силите за заштита и спасување и на противпожарната единица на Скопје.

Утрово е регистриран пожар кај село Дејковец, општина Зелениково, каде гори мешана шума. Во гаснење на пожарот учествуваат два авиони на ДЗС, повеќе припадници на „Македонски шуми“ и месното население.