Македонија Изгаснат пожарот кај Штип, вчера горело на 29 локации низ државата

Изгаснат пожарот кај Штип, вчера горело на 29 локации низ државата

Пожарот што избувна вчеравечер помеѓу штипскиот затвор и селото Драгоево ноќеска бил локализиран и ставен под контрола, но утрово повторно се активирал

фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Пожарот кај Штип е целосно изгаснат, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот што избувна вчеравечер помеѓу штипскиот затвор и селото Драгоево ноќеска бил локализиран и ставен под контрола, но утрово во 8 часот и 30 минути повторно се активирал и почнал да се шири кон селото.

Пламенот зафатил површина од 130 до 150 хектари, информираше ЦУК.

Ноќеска околу полноќ бил локализиран и пожарот кој вчера доцна попладне избувна и беснееше кај Липковско, на линијата од селата Слупчане – Ваксинце во насока на Алачевце.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информираше дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 29 пожари на отворен простор. Сите се изгаснати и во моментов нема активни пожари на отворено.