Македонија Изгаснат пожарот кај Рибница, но се уште гори кај Аџина Река

Изгаснат пожарот кај Рибница, но се уште гори кај Аџина Река

Изгаснат е еден од двата пожара во националниот парк „Маврово“, соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување, додавајќи дека другиот пожар се уште е активен.

Вработени во паркот се на терен, но засега нема информации како оди справувањето со вториот пожар.

Од Дирекцијата соопштија дека вчера околу 13 часот бил забележан чад и оган во атарот на Рибница и на две локации во месноста „попова ливада“ и „рибничка скала“. Пожарот зафатил нискостеблеста шума, смреки и папрати, како и букова шума.

Петнаесет вработени во паркот го гаснеле пожарот што зафатил површина од над 200 хектари, а на помош бил повикан и авион од ДСЗ. По неколкучасовната борба, пожарот синоќа бил изгаснат, а дежурни лица ја следат ситуацијата на терен. Во моментов, се уште е активен пожарот во регион на Аџина Река.

Засега не се знае што ги предизвикало пожарите, а властите потсетуваат дека предизвикувањето пожар во национален парк подлежи на кривичен прогон.