Македонија Иванов – Звиздиќ: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе донесе регионална...

Иванов – Звиздиќ: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе донесе регионална стабилност

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска се сретна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, со кого разговарал за состојбите во регионот и актуелните политички случувања во двете држави.

Од кабинетот на Иванов информираат дека соговорниците оцениле дека двете држави ги карактеризираат традиционално пријателски односи и идентични ставови во однос на унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи.

Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија во континуитет го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и нејзините напори за интеграција во ЕУ.

– Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Треба да се искористи моментумот, кога ЕУ конечно го посветува потребното внимание кон државите од Западниот Балкан, за сите да напредуваме во интеграцискиот процес – порача Иванов.

Македонскиот претседател изразил задоволство од унапредувањето на договорната состојба меѓу двете држави и го поздрави потпишувањето на Спогодбата за патување на граѓаните од двете земји со биометриски лични карти.