Македонија Иванов се сретна со италијанскиот претседател

Иванов се сретна со италијанскиот претседател

Во рамките на посетата на Италијанската Република, претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов денеска имаше средба со претседателот на Италија, Серџо Матарела.

Италија е пријател и поддржувач не само на Македонија, туку на целиот наш регион, затоа што без Балканот, Европската унија не може да биде целосна, изјави претседателот Иванов, по средбата со Серџо Матарела, посочувајќи дека двете држави ги поврзува традиционално пријателство и дека италијанскиот претседател одлично ги познава состојбите на Балканот.

На средбата било разговарано и за статус кво состојбата во однос на македонското членство во НАТО, како и за блокадите со кои се соочува Македонија.

Во однос на НАТО, беше искажана цврстата определба дека Италија ќе продолжи да ја поддржува Македонија, затоа што Македонија го заслужува членството, со сето она што го прави досега и што досега го има преземено, изјави Иванов.

Во тој контекст, италијанскиот претседател Матарела покрај силна поддршка во однос на европските и на евроатлантските интеграции на Македонија, искажал и разбирање дека политичките кризи со кои се соочува Македонија се резултат на блокадите на патот кон евроинтеграциите.