Македонија Иванов се сретна со бизнис-делегација на Катар

Иванов се сретна со бизнис-делегација на Катар

Претседателот Ѓорге Иванов денеска прими бизнис-делегација на Катар, која на покана на шефот на македонската држава престојува во неколкудневна посета на Република Македонија.

Целта на посетата е унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Катар, преку реализација на конкретни инвестициони проекти во различни области, соопшти кабинетот на претседателот Иванов.

На средбата со катарските бизнисмени, Иванов истакнал дека Република Македонија има одлични политички односи со Катар и изразил силна поддршка за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.

Македонскиот претседател посочил дека постојат многу неискористени можности и потенцијали за соработка и дека во периодот кој следи неопходно е да се зајакнат контактите меѓу бизнис-заедниците на двете земји, за реализирање на конкретни проекти.

„Бизнис-делегацијата од Катар изрази особен интерес за земјоделството, производството на храна, енергетиката, телекомуникациите, градежништвото, инфраструктурата и за недвижностите. Во тој контекст, изминативе денови беа организирани и средби меѓу катарската делегација со институциите задолжени за привлекување странски инвестиции, како и со домашни компании, членки на стопанските комори на Република Македонија. На средбите беа разгледани бизнис-можностите за инвестирање и беа претставени поволностите што странските инвеститори ги имаат во нашата земја, оцените на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Иванов.

Посетата на катарската бизнис-делегација во Република Македонија, следи откако на почетокот на годината претседателот Иванов оствари средба со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, како и со шеикот Калифа бин Јасим ал Тани, претседател на катарската стопанска комора.