Македонија Иванов се обрати на конференцијата во Женева

Иванов се обрати на конференцијата во Женева

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Женева, Швајцарија, се обрати на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на Обединетите нации, со што беше отворена неговата 28. сесија.

– Човековата историја е една голема приказна за судирот меѓу правдата и моќта. Од едната страна се разумот и совеста, а од спротивната страна се голата сила и себичниот интерес. Првите недвосмислено ни говорат дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и по права. Вторите, ги игнорираат и ги прекршуваат вродените и неотуѓивите човечки права и слободи. Додека за првите човекот сам по себе е цел, за вторите човекот е само средство за исполнување на некои други, себични цели. И покрај сите предизвици, луѓето истрајуваат во борбата за човековите права. Како што пред 70 години, исполнувањето на оваа благородна мисија беше доверено на Обединетите нации, така, пред 10 години беше создаден и овој Совет за човекови права како централно тело во системот за човекови права на Обединетите нации. Она што ги водеше луѓето да истраат на овој макотрпен пат, беше цврстата увереност дека во светот не постои ништо толку вредно како човекот, дека најважната особина на човековата природа е слободата сфатена како одговорност и капацитет за носење добри одлуки за себе и за другите, за оваа и за идните генерации. Човековите права се родија од грижата за луѓето.  Но, целта сè уште не е постигната – рече Иванов.