Македонија Иванов побара паралелни преговори од ЕУ за Македонија

Иванов побара паралелни преговори од ЕУ за Македонија

Иднината на Западен Балкан е во европското семејство, но работа се уште има, а билатералните прашања мора да се решаваат пред влезот во Унијата, се дел од заклучоците од двочасовниот состанок на шефовите на држави и влади од Процесот Брдо- Бриони што се одржа во Скопје вчера.

Домаќинот на самитот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, побара паралелни преговори за спорот со името и за членство во Европската Унија.

– Повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите зачленство и надминување на билатералнаата разлика меѓу  Македонија и Грција. По самата своја природа проширувањето е политичко, а не само техничко прашање. Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината  тогаш ние ќе се занимаваме  со минатото – рече македонскиот претседател.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск пак порача дека доаѓа со силна порака и цврста заложба за европската иднина на земјите од регионот. Македонија според него, покажала дека за една година успеала невозможното да го направи возможно во процесот на преговорите со името.

– Ќе го повторам тоа што го кажав за Кореја – невозможното станува возможно. Минатата година слушнав дека е невозможно да се реши ова прашање, меѓутоа блиску сте до успех. Можно е историјата на Балканот, која што личи на хорор филм кој никогаш не завршува,  сепак да има среќен крај – рече Туск.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов порача дека спорот за името со Грција би требало да се реши набргу.

-Се надевам дека Македонија и Грција ќе најдат начин да го решат проблемот со името и тоа мора да са случи многу набрзо, затоа што имаме историска можност и како што кажа мојот пријател  Доналд кој е историчар рече, во иднината за шеесет години од сега историчарите ќе го оценуваат овој момент – порача Борисов.