Македонија Иванов побара од Тимерманс неодложна помош за справување со бегалската криза

Иванов побара од Тимерманс неодложна помош за справување со бегалската криза

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Брисел се сретна со Франс Тимерманс, прв потпретседател на Европската комисија, со кој разговарал за предизвиците со кои се соочува земјата поради мигрантската и бегалската криза, како и за актуелната безбедносна состојба на европскиот контитент.

Претседателот Иванов го информирал Тимерманс дека од почетокот на кризата земјата се потпира на сопствени ресурси, додека помошта од Европската унија изостанува и побарал неодложна техничка и финансиска помош за земјата.

– Македонија ги сноси последиците од „нефункционален механизам на Унијата“ и од неспроведување на регистрација во земја-членка на Унијата. Република Македонија ги почитува сите меѓународни обврски во третманот на мигрантите, обрнувајќи сериозно внимание на хуманитарниот аспект и покрај преоптоварените капацитети. Клучно е враќањето на контролата врз надворешните граници на ЕУ. Потребна е заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот – рече Иванов.

‎Потпретседателот на ЕК, Тимерманс, истакнал дека има разбирање за предизвиците со кои се соочува земјата во справувањето со бегалската и мигрантската криза и истакнал дека ќе се заложи за што е можно побрзо обезбедување на помошта и на поддршката од ЕУ.